ОМД: Нејасен и Контрадикторен Договор Помеѓу Македонија и Бугарија

Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД), како најголема организација на Македонците надвор од Македонија, изразува загриженост заради непотполната, нејасната и контрадикторната содржина на Договорот за Пријателство, Добрососедство и Соработка Меѓу Република Македонија и Република Бугарија. ОМД смета дека потпишување како и евентуална ратификација во Собранието на Република Македонија на договорот со моменталната содржина, негативно би се одразил врз македонските национални интереси, но и на унапредување на долгорочните односи помеѓу Македонија и Бугарија, што впрочем беше најавувано како главна цел на овој Договор.

Пред се, Договорот многу наликува на штетната Декларација која беше потпишана во 1999 и е во облик на продожение на истата. Со самата најава на подготовката на овој Договор, ОМД очекуваше надминување на грешките и промена на ставот од 1999, но нацрт договорот го покажува спротивното. Наместо да се договара зад затворени врати, Договорот требаше да биде објавен многу порано, со цел да и се овозможи на јавноста дебата со што би се составил во корист на заштита на Македонските национални интереси, а не само на Бугарија, која го користи како уцена да ја поддржи Македонија за членство во евро-атлантските институции.

ОМД е со цврст став дека овој договор е контрадикторен во својата содржина. Имено на крајот од воведниот текст на договорот, двете страни се повикуваат на почитување на принципите на повелбата на ОН, повелба каде во член 1 се наведени Рамноправните права и правото на самоопределување на народите. Спротивно на член 1 од повелбата на ОН, членот 11, точките 4, 5 и 6 од овој Договор се дијаметрално спротивни на повелбата на ОН и ја рефлектираат всушност негативната политика на Република Бугарија кон Република Македонија.

Член 8 став 2 е контрадикторен и нејасен. За да се даде согласност на истиот, членовите на Комисијата треба да бидат назначени и надгледувани од независни експерти историчари чија што улога не би довела до конфликт на интерес. Претседателот на Република Македонија, Владата и Собранието треба да бидат институциите кои врз основа на изјаснувањето на народот ќе ги бранат и цртаат македонските црвени линии во правењето меѓународни договори – толкувањето на историјата и националната историографија треба да се спроведе преку отворена дебата и истражување од страна на целата научна фела, а не по убедувањата на малкумина.

Член 8 став 3 остава отворен простор за интрепретација. Историските настани и личности мора да бидат наведени за да не се дозволи “делење“ на целокупната Македонска историја. Како што споменуваме погоре, овој Договор се потпишува по веќе потпишаната Декларација од 1999 и со цел еднаш и засекогаш да ги затвори овие прашања. Без да навлегуваме во историски факти, кои би требало да бидат оставени на историчарите, треба да се прецизира точно кој дел од историјата ни е заеднички, за да може да се затвори можноста која моментално ја нуди содржината на договорот, Бугарија да изврши преписка на целосната Македонската историја како своја, а не како посебна историја на Македонскиот народ и држава. Како дел од Европското семејство на народи, и соседни земји, секако дека Бугарија и Македонија делат заедничка историја, меѓутоа интепретацијата на таа наша “заедничка историја“ не е иста.

Член 11 став 4 и став 5 се спротивни на Член 49 од Уставот на Република Македонија со што се отвора можност овој Договор подоцна да биде изваден пред Уставниот суд и поништен по потпишувањето, создавајќи меѓународен скандал. ОМД препорачува да не се избрзува со потпишување на ваков неуставен и нејасен нацрт-договор. Во овој член би нагласиле дека Македонија е условена да не се меша во внатрешните работи на Бугарија, но истиот услов не е поставен и за Бугарија. Во овој случај, Македонија отстапува од борбата за културните и човековите права на македонското малцинство во Бугарија, што е крајно неприфатливо. ОМД го карактеризира горе наведеното како крајно потценувачки кон Република Македонија од страна на Република Бугарија која има за цел декларативно откажување на Македонија од своето македонско малцинство во Бугарија а, со тоа и со голем дел од својата историја. Притоа, ОМД ќе ги употреби сите свои ресурси и мрежа за заштита на македонското малцинство во Бугарија и ќе продолжи со промовирањето на засебната македонска историја и култура!

Бугарија веќе повеќе од две децении издава бугарско државјанство на секој заинтересиран Македонец, со цел да го докаже Бугарскиот добро познат став дека во Македонија живее голема бугарска заедница, но без притоа да нагласи дека реалната причина за стекнување со Бугарското државјанство на Македонците е единствено од економски карактер и ништо повеќе од тоа. Вистинската причина за овој тренд е тоа што Бугарија е земја членка на ЕУ, и поради тоа границите и можностите за подобар економски живот низ Европа е отворен за Македонците кои имаат Бугарско државјанство, а не поради тоа што овие Македонци се Бугари или се осеќат како Бугари.

ОМД исто така не се согласува со Член 11 став 6, со што се оспорува слободата на говор и слободата на медиумите. ОМД никогаш не поддржувала говор на омраза, но доколку веродостојна личност или академик, со факти објавува став за македонската страна на историјата, Бугарија исто како и Македонија имат право на приговор и можност да се одбие истиот.

Иако крајот на договорот напоменува дека истиот ќе биде потпишан на македонски и на бугарски јазик, никаде не се споменува признавање на македонскиот јазик, кој Бугарија го оспорува со години назад. Од голема важност е во содржината на договорот да биде прецизирано дека Македонскиот јазик е признат од страна на Република Бугарија. Ова е посебно потребно бидејќи при евентуално стекнување на членство во Европска Унија, Македонскиот јазик ќе биде автоматски признат за официјален, меѓутоа земајќи ги во предвид моменталните ставови на Бугарските членови на Европскиот парламент за Македонија, македонскиот народ, и македонското малцинство во Бугарија, содржината на овој договор, каква што е сега, може да и дозволи на Бугарија да направи приговор кон употребата на нашиот официјален Македонски јазик.

ОМД би сакала Македонија да биде лидер во Балканот и да нема отворени прашања со било кој од соседите, – вклучувајќи ја и Бугарија, и ја повикува сегашната Влада, и сите идни Влади да научат од грешките на претходните влади, и да се држат поцврсто за ставот на бранење на националните интереси на Република Македонија. Претседателот на Република Македонија, Владата, Собранието, МАНУ, и граѓанскиот сектор играат голема улога на ова поле и мора да застанат цврсто во заштита на засебниот македонски национален интерес, идентитет, култура и јазик.

Previous UMD Appalled By Increasing Serbian Nationalism Against Macedonia

UNITED, WE CAN!

United Macedonian Diaspora
800 Maine Avenue SW Suite 200 Washington, D.C. 20024

Opening Hours:

Mon – Fri: 9:00 am – 5:00 pm

United Macedonian Diaspora © 2024. All Rights Reserved