ЛАГИТЕ НА БОЈКОТИРАЧИТЕ

Автор: Александар Поповски, член на ОМД од Флорида

Добивките од бојкот на пописот може да се сумираат со еден збор: НИШТО. Сите оние кои го обременуваат нашиот живот со бескрајни кавги на социјалните мрежи немаат појма каква ненадоместлива штета прават за Македонците и Македонија. Некои од нив го прават тоа за лична добивка, дали во форма на пари, гледаност, лајкови или 5-минутна слава; тие ја пакуваат во обланда љубовта за Македонија и се обични профитери на нечија мака. Друга група агитира за бојкот наведена од лагите на овие профитери, но со искрено верување дека постапките им се исправни; овие луѓе ненамерно и прават зло на својата татковина. Последната група се обични луѓе кои од црнилата на секојдневниот живот не можат да видат светлина и непромислено веруваат во се што ќе прочитаат на интернет; овие луѓе без намера и аир смртно го предаваат својот народ и се бришат себе си.

 

Причините за бојкот се комбинација на голи лаги и манипулации. Денес и утре ќе ги разобличиме најчестите приказни.

 

Лага 1: Бојкот на пописот е исто како бојкот на референдумот

Горенаведените бојкотирачи сакаат да ја украдат победата на македонскиот народ на 30 Септември 2018. Имено, тие лажат дека бојкот на пописот е исто што и бојкот на референдумот.

 

РЕФЕРЕНДУМ 2018 – КРАЈНИ РЕЗУЛТАТИ

Одговор

Гласови

%

 За

609,427

94.18%

 Против

37,687

5.82%

Важечки ливчиња

647,114

97.11%

Неважечки или празни ливчиња

19,230

2.89%

Вкупно гласови

666,344

100.00%

Регистрирани избирачи/излезност

1,806,336

36.89%

 

Бојкорирањето на референдумот беше стратегија со која требаше да се исполнат две работи: а) пропаѓање на референдумот заради недоволна излезност и б) отфрлање на идејата за промена на уставното име и раскинување на Преспанскиот Договор. Од овие две цели, само првата беше исполнета. Тоа се случи бидејќи според законот, за референдумот да биде валиден потребни се 50% + 1 гласач излезност (903,168 вкупно гласови). За иницијативата да се усвои, потребно беше опцијата „за“ да биде мнозинство во ситуација на доволна излезност.

 

Бојкотот на референдумот се одбра како стратегија бидејќи луѓето се плашеа дека нема да се обезбедат доволно „против“ гласови за да се победи владата. Ако ја погледнете табелата, ќе установите дека на опозицијата и беа потребни додатни 571,741 глас за победа. Се изгради консензус дека тоа тешко ќе се изведе во ситуација каде што владата имаше целосна контрола врз референдумскиот процес и беше решена да ја усвои промената на името. Решителноста на владата беше толку голема што тие вградија механизам за игнорирање на референдумските резултати. Уште непочнат, го прогласија референдумот како консултативен, а не задолжителен. Со тоа следи дека и да можеше да се обезбеди победа со гласање против, знак прашалник ќе беше дали тоа воопшто ќе направеше некоја разлика.

 

Најдобрата стратегија за пораз на референдумот беше бојкот и тој ја оствари првата цел. За жал, и покрај неуспехот на референдумот, сите бевме сведоци дека владата ја протурка промената на името со „балкански методи“ во Собранието во наредните месеци.

 

За разлика од референдумот, пописот не е подложен на праг на излезност за да се прогласи како валиден. Ако 1,000,000 се попишат, тогаш толку ги има. Ако се попишат 1,500,000, исто така. Нема задолжителна минимум бројка. Единственото нешто што ќе се постигне со бојкот на пописот е да има помалку попишани Македонци, што автоматски ќе ги зголеми процентите на малцинствата. Единствен начин за референдумот да неуспее е да се укине од владата или од Собранието (како во 2011), што нема да се случи овој пат.

 

Лага 2: Присвојување на делумичниот успех од референдумот

Одреден грст на луѓе, што се самоидентификуваат како „Движење Бојкотирам,“ шират лаги дека тие имале главна улога во пропаѓањето на референдумот. Дека, со нивното организирање, делење летоци, објави на социјални мрежи, агитирање на терен, и што уште не, тие успеале да го убедат народот да седи дома и да не гласа на 30-ти Септември 2018. Ова не само што е лажно тврдење туку целосно го разобличува користољубивиот нарав на овие трговци на магла. Каква дрскост, каква алчност, и каква безобразност ли е нужна за да се каже дека народниот успех за уривање на референдумот е заслуга на анонимуси.

 

Да бидеме јасни. Ниту една организација не може да си го присвои пропаднатиот референдум како нивен успех. Бојкотот на рефендумот беше резултат на гневот на македонскиот народ и само тој може да биде заслужен за исходот. Никој друг, никогаш.

 

Лага 3: Со бојкот ќе се покажат нереални бројки и пописот ќе пропадне

Пред да почне пописот, пропагандата на бојкотирачите беше насочена кон тоа да се создаде гротеска, т.е. непремостлива разлика меѓу реалните бројки на населението и тие што ќе се покажат на пописниот извештај. На пример, од 2,000,000 жители да се попишат само 1,000,000 и со тоа да се делигитимира пописот како статистичка операција. Бидејќи бојкотот е насочен само кон македонското население, се стремеше кон масовна неодзивност, на пример 600,000 попишани од 1,200,000 жители.

 

Оваа претпоставка е веќе два пати побиена: еднаш од здравиот разум а втор пат од информациите од терен. За да се постигне масивен бојкот прво треба општа подршка од сите елементи од општеството, претежно од главните политички партии. Овој попис официјално го подржуваат сите големи македонски партии и сите партии од албанскиот блок. Само маргинални партии, кои сочинуваат нецели 2% од пратеничкото тело и сигурно не повеќе од 5% од македонското гласачко тело, се за бојкот. Нивната финансиска моќ, членство, организација, присуство во народното памтење и јавно општење е доволна само за благ бојкот, што е далеку од поставената цел. Неуспехот на оваа бомбастична стратегија е исто така потврден на терен: до 22.09.2021 (осум дена пред истекувањето на законски предвидениот рок за попис) веќе се попишани над 1,3 милиони жители, или најмалку 60% од Македонците.

 

Лага 4: Со попишување се дава легитимитет на оваа влада и на нивните политики

Со пописот се прави само едно нешто: се регистрира поединецот на листата на жители на една држава. Пред се, пописот е израз на љубов и припадност кон една земја. Со попишување поединецот и налага на државата да го уважи неговото постоење и да се грижи за неговата добросостојба и онаа на неговото семејство. Пописот е надвор од политичката структура на државата и на никој начин не дава или одзема легитимитет на постоечката влада.

Ова исто така важи за владините политики. Со попишување не значи дека поединецот се сложува со контроверзните одлуки на владата, како на пример промената на уставот и уставното име, двојазичноста, договорот со Бугарија и низа други. Владата може уште следниот ден да падне, но непопишувањето не може да се поправи барем до следниот попис. Иако е теоретски можно следната влада да спроведе нов попис, историјата ни кажува дека ова тешко би се случило за брзо време. Во Македонија прв пат се прави попис после 20 години (иако практика е на секои 10); што би се сменило во меѓувреме да го овозможи одржувањето на сложена и скапа операција по втор пат во краток временски период?

 

Лага 5: Меѓународниот фактор ќе го препознае лошиот попис и така тој ќе се укине

На меѓународната заедница, и пријателска и помалку од пријателска, и е сеедно кој ќе биде резултатот од пописот. Сеедно им е дали ќе има 65% Македонци или 60%, 25% Албанци или 28%. Тие генерално го подржуваат пописот како одлика на цивилизирани општества, и мислат дека податоците од истиот треба да се користат за правилно управување со јавните финансии и правично трошење на буџетските средства. Со исклучок на Бугарија, која има вграден интерес од прогласување на бугарско малцинство во Македонија, на никому друг не му е гајле што ние правиме во сопствената држава и како ќе се преброиме. Во Бугарија, малцинското прашање е важно за да се задоволат мегаломанските апетити на нивната надворешна политика спрема Македонија, како и да се оправдаат пред Европската Унија за издавање на 120,000 пасоши на Македонци врз база на изјава од два реда заведена на нотар.

Продолжува…

Any opinions or views expressed in articles or other pieces appearing in UMD Voice are those of the author alone and are not necessarily those of the United Macedonian Diaspora and its young leaders’ program Generation M; the appearance of any such opinions or views in UMD Voice is not and should not be considered to be an endorsement by or approval of the same by UMD and Generation M.

Previous BOYCOTT FORGERY

UNITED, WE CAN!

United Macedonian Diaspora
800 Maine Avenue SW Suite 200 Washington, D.C. 20024

Opening Hours:

Mon – Fri: 9:00 am – 5:00 pm

United Macedonian Diaspora © 2024. All Rights Reserved