ОМД: Џон Битов – поборник за човековите права на македонците низ светот

Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД) со длабоко жалење ја прими веста за смртта на Џон Л. Н. Битов, Ц.М., еден од најголемите и највлијателните борци во модерната историја за прашања поврзани со Македонија и македонците. Борец за слобода и човекови права, визионер со храбро срце, г-дин Битов беше еден од најголемите поддржувачи и донатори на ОМД. Г-дин Битов почина на 87 години, во Торонто, Канада.

“Смртта на г-дин Битов означува крај за едно исклучително значајно поглавје за историјата на македонската дијаспора” изјави претседателот на ОМД, најголемата меѓународна организација што ги застапува интересите на македонците надвор од Македонија, г-дин Методија А. Колоски. “Тој беше човек со челична решителност и страст. Никогаш не се двоумеше туку секогаш беше во првите редови да и помогне на нашата татковина во најбурните времиња. “

Колоски додаде “ова е огромна загуба за ОМД, за македонците воопшто, како и за многубројните академски, културни, економски, здравствени или религиски институции кои беа поддржани благодарејќи на лидерството, филантропијата и патриотизмот на г-дин Битов.”

ОМД својата прва награда за животно дело во 2010 год. ја додели токму на г-дин Битов. Во незаборавното интервју што следеше веднаш по доделувањето на оваа награда, г-дин Битов ја потенцира исклучителната важност за работата на ОМД и рече “до сега никогаш немало организација како ОМД во глобалната македонска заедница.” Г-дин Битов беше горд да биде еден од основачките членови на “македонските придружници” во ОМД и ја користеше секоја прилика да ги мотивира и повика сите македонци да бидат обединети во борбата за градење на просперитетна, стабилна и сплотена Македонија.

Во чест на г-дин Битов, и благодарејќи на огромната поддршка од Фондација Битов, ОМД во 2010 год. ја основа програмата “Стипендија Џон Битов за студенти со македонско потекло.” Оваа стипендија има помогнато на повеќе од десетина исклучително талентирани студенти низ светот, а истата ќе продолжи да се доделува и во годините што следуваат.

Хуманоста, делото и работата на Џон Битов отсекогаш беа дополнително зајакнати благодарејќи на неговата посветеност во бракот со неговата сакана сопруга, Доца Битов. Заедно, тие постојано и неуморно работеа на прашањата поврзани со почитување на меѓународните човекови права на македонците. Нивната страст и посветеност за овие прашања ја пренесоа и на нивните пет деца, и шеснаесет внуци, кои кон г-дин Битов со љубов се обраќаа со македонскиот збор “дедо.”

ОМД и македонците низ светот изразуваат длабого жалење и искрено сочувство до г-ѓа Битов и целото семејството на г-дин Битов.

Previous UMD Tribute to John Bitove — Champion of Macedonian Human Rights

UNITED, WE CAN!

United Macedonian Diaspora
800 Maine Avenue SW Suite 200 Washington, D.C. 20024

Opening Hours:

Mon – Fri: 9:00 am – 5:00 pm

United Macedonian Diaspora © 2024. All Rights Reserved