Автор: Александар Поповски, член на ОМД од Флорида
Бојкотирачите на пописот не сакаат да се попишат бидејќи мислат дека пописот е фалсификат. Тие се во право, бидејќи во моментов, бојкотот е единствениот докажан фалсификат.
Што е фалсификат?
а) Измена, бришење или додавање на податоци. Фалсификат се смета активност преку која ќе се покаже лажна слика за резултатите од пописот. На пример, ако ти си се запишал како Македонец на пописниот формулар а некој тоа го изменил во Ром. Или пак ако имало 1 милион формулари од Македонци ама пописната комисија избришала 100,000 и прикажала 900,000. Или пак обратно: имало 100,000 формулари од Роми ама пописната комисија лажно додала уште 100,000 па станале 200,000. Или последно, имало 1 милион формулари од Македонци но 200,000 се прогласиле за неважечки од неиздржани причини и се пријавиле 800,000.
Ваков вид на манипулација може да се констатира само на крајот на пописот, откако ќе се анализираат, обработат и објават крајните резултати. Ако има приговори за валидноста на резултатите, се врши истрага и се утврдува дали имало пропуст. Најважно е дека треба да се обезбедат докази за да се каже дека имало фалсификат.
Во моментов, ниту пописот е завршен, ниту има резултати, ниту има докази. Да кажеш дека пописот е фалсификуван сега значи или тропање глупости, или свесно лажење на луѓето за лична добивка.
б) Непопишување. Бојкот на пописот исто така може да се смета за фалсификат бидејќи прикажува лажна слика за реалноста. На пример, ако навистина има 1,3 милиони Македонци а пописните комисии попишат 1,2 милиони (поради неможност да попишат 100,000 од бојкот), ова создава неточен приказ за населението. Во суштина, тврдењето на бојкотирачите дека пописот е фалсификат е точно, но само затоа што тие самите прават фалсификат.
в) Договорен исход. Ако исходот од пописот е однапред договорен, воопшто нема да се бројат пописните формулари, или бројките ќе се штелуваат по желба. На пример, вистинскиот попис покажал 22% Албанци но пописната комисија објавила 27% бидејќи така било договорено. Бројката од 27% во овој случај е измислена и не е поткрепена со податоци.
Ова секако може да се случи, но прерано е да се каже дали ќе се случи. Фалсификат може да се прогласи само ако има дело а не пред тоа. Ова е исто како концептот презумпција на невиност. Обвинет за било какво кривично дело е невин се додека не се докаже неговата вина и има правосилна пресуда која ја потврдува вината и одредува казна.
Што не е фалсификат?
а) Политички договор. Пописот се оддржува сега како резултат на коалиционен договор меѓу владејачките партии, склучен по барање на албанските партнери. Албанците претпоставуваат дека Македонците нема да се попишат во доволен број со тоа што во крајните резултати, Албанците процентуално ќе го зголемат својот удел. Ова само по себе не е фалсификат, туку само договор и претпоставка. Што ако резултатите од пописот не ја поткрепат претпоставката и се покажат повеќе Македонци? Во тој случај, договорот е исполнет но резултатите не се очекувани.
б) Зголемен процент на малцинства. Пописниот извештај треба да ги претстави резултатите како што луѓето се попишале. Ако се попишале повеќе Албанци од претходно (25,17% според пописот во 2002), тогаш има повеќе Албанци. Тоа е убавината и грдотијата на бројките. Сакале или не, тие ја кажуваат вистината. Ако не се попишат доволно Македонци, што може да биде исходот освен зголемување на процентот на малцинствата?
Тажната реалност е дека ако Македонците го бојкотираат пописот во значајни бројки, нема да има никаква потреба од манипулација. Всушност, ако вистинските бројки на Македонците паднат драстично, треба да се молиме дека имало некаков политички договор за нивно штелување. Во спротивност, Македонците се на пат да станат малцинство со сопствената држава.
Any opinions or views expressed in articles or other pieces appearing in UMD Voice are those of the author alone and are not necessarily those of the United Macedonian Diaspora and its young leaders’ program Generation M; the appearance of any such opinions or views in UMD Voice is not and should not be considered to be an endorsement by or approval of the same by UMD and Generation M.