Арџи Н. Белио од Форт Вејн, Индијана, е едногласно избран за нов претседавач на Одборот на ОМД на Годишниот состанок на Одборот на ОМД во 2022 година, одржан на 28 јануари 2022 година.
Белио ја презема функцијата од Стојан Николов од Лонгмедоу, Масачусетс, кој ја извршуваше оваа улога речиси 12 години. Николов ќе остане во Одборот и ќе ја преземе улогата на прв потпретседател за глобални операции – една од трите потпретседателски позиции (другите две се за донации/спонзорства и програми – сè уште непополнети) кои Одборот на ОМД ги креираше во април 2021 година.
Стефани Таскова Митева од Мелбурн, Австралија, глобалниот копретседавач на програмата за млади лидери на ОМД – Генерација М – беше избрана за секретар на Одборот. Одборот на ОМД стратешки го планира и му дава приоритет на идниот менаџмент со внесување на повеќе наши млади лидери како дел од врвниот управен кадар во организацијата. Митева ја презема функцијата од Џорџ Питерс од Мичиген, кој беше на оваа позиција повеќе од 10 години, и ќе остане член на Управниот одбор на ОМД.
„Чест ми е што ми е дадена привилегијата да ја преземам улогата на претседавач на ОМД – мојата единствена мисија – е и понатаму да го позиционирам ОМД како водечка македонска организација за застапување во светот и да се осигурам дека ОМД е финансиски стабилна за долгорочен успех – рече Белио. „Не се работи за мене, туку за следната генерација, моите деца Стефан и Дарко, и многу други млади Македонци кои ќе имаат можност да ги искусат придобивките на ОМД, преку програмата Родум од Македонија, стипендиите Џон Битов, и многу повеќе.“
„Арџи е посветен член на ОМД уште од првиот ден – убеден сум дека умешно ќе ја води ОМД. Неговите деловни вештини и долгогодишното искуство во прашањата кои ја засегаат македонската заедница ќе бидат од суштинско значење во насочувањето на ОМД нанапред“, рече Николов. „Проширувањето на глобалните активности на ОМД, вклучително и во Европа, ќе биде мој приоритет во следните три години.“
„Благодарна сум што Одборот на ОМД ми довери толку важна улога – прво преку додавањето двајца членови на Генерација М со постојана позиција во Одборот на ОМД, а сега и со моето вклучување како службеник на Одборот на ОМД, организацијата помага да се отвори патот за развој на лидерство кај младите со македонско потекло – нема да ве разочарам“ – рече Митева.
Од останатите вести, благодарение на успехот на нашата кампања „Едно македонско семејство“ и великодушноста на членовите и донаторите на ОМД, Одборот на ОМД можеше да ја вработи Ема Решкоска Браун од Мериленд како нејзина прва директорка за унапредување и развој која ќе работи во нашата канцеларија во Вашингтон.
Браун, која работеше под договор со скратено работно време во изминатите три месеци, ќе започне со полно работно време на 15-ти февруари и ќе ги управува и надгледува сите активности, настани, како и програмата за стажирање, меѓу другите задачи кои ù се зададени од Одборот на ОМД.
„Од Македонија дојдов во САД да играм кошарка пред 13 години, и овде не познавав ниту еден Македонец; кога се преселив во Вашингтон – ОМД ме пречека со раширени раце и ме запозна со македонската заедница која сега е мое семејство и мое друштво. Со ентузијазам се соочувам со предизвикот да работам со раководството на ОМД, засегнатите страни и нашите македонски заедници ширум светот за да ја издигнам ОМД до следното ниво,“ изјави Браун.
Одборот на ОМД, исто така, презеде два критични чекори за иднината на глобалната македонска заедница – создавање на Фонд за зачувување на македонското (културно) наследство и Фонд за унапредување на човековите права на Македонците.
Фондот за зачувување на македонското (културно) наследство ќе собира средства и ќе обезбеди грантови за програми за унапредување на проучувањето на македонската имиграција и зачувување и заштита на нашето богато македонско наследство. Кликнете тука за повеќе информации.
Фондот за унапредување на човековите права на Македонците ќе собира средства и ќе обезбеди грантови за унапредување на човековите права на нашите граѓани во Албанија, Бугарија и Грција, вклучително ангажирање на персонал, техничка поддршка, спроведување на програми за обука за млади и финансирање на академски и културни дела. Кликнете тука за повеќе информации.
„Во текот на изминатите две години, изгубивме многумина во нашето глобално македонско семејство, и со таа институционална меморија и историја – ОМД презема одговорност да изгради трајно живо наследство како аманет за нашата младина – и да го пренесе факелот на нови, иновативни лидери кои ќе не прават горди во годините што следат. „Кога ја презедов улогата на претседател на ОМД, ветив дека ќе вклучам што повеќе наши млади и дека ќе ги инспирирам за македонскиот активизам – сè уште сум посветен на оваа мисија и на македонската кауза“, заклучи претседателот на ОМД, Мето Колоски.