Анализа на ОМД: Од „Конечна Спогодба“ до „Failed State“ во 10 Чекори

Десет причини зошто Република Македонија отстапува од сите критериуми на демократска, независна и суверена земја, според анализата на Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД) во однос на политичко-правната ревизија на потпишувањето и ратификувањето на Преспанскиот Договор:

  1. Со освоени 436.469 гласови на предвремените парламентарни избори на 11 Декември 2016 година , СДСМ (со присвоен 49 пратенички мандати) издвои пораз од страна на ВМРО ДПМНЕ (при обезбедено 51 пратеничко место) со освоени 452.709 гласови. Раскинот на коалицијата ВМРО ДПМНЕ – ДУИ како би се избегнал „failing domino“ ефектот кој во политичките науки подразбира пад на секој асоцијативен политички субјект под инерција на друг, овозможи креација на малцинска влада предводена од Социјалдемократскиот Сојуз, која преку калкулации на лични интереси, придонесе до создавање на оптимална клима во корист на надворешните наместо на македонските национални интереси.
  2. Актуелната парламентарна пракса на тргување со политички афинитети како начин на остварување дво-третинско мнозинство во прилог на уставните промени предвидени со Преспанскиот Договор, ја потврди манипулативната природа на моделот на малцинска влада попознат како „hung parliament“ или во превод „Собрание на заузданите“, кој како меч со две острици во политичките науки, зад превезот на демократијата гаи склоност кон анти-демократско и анти-народно владеење.
  3. Иако доделувањето на мандатот за креирање на малцинска влада беше пропратено со писмена гаранција дека нема да биде загрозена унитарноста, независноста, интегритетот и суверенитетот на државата, непосредно по превземање на власта истите беа погазени, што во секоја правна држава би послужило како основ за одземање на функцијата на мандатарот и покревање на кривична постапка против него за кривично дело врз државата согласно член 308 од кривичниот законик. Според правната рамка на Република Македонија, под кривична одговорност не поддлежи единствено Премиерот на државата, туку и целокупниот парламентарен состав за нивната инволвираност во кривичното дело „здружување во непријателска дејност врз државата“ согласно член 324 од кривичниот законик.
  4. Дијаметрално спротиставените пред-изборни ветувања и пост-изборни делувања на СДСМ и коалиционите партнери, каде гаранцијата за непромена на уставното име на земјата се погази со Преспанскиот Договор, уверувањето за постојаност на унитарноста се засени со Законот за Јазици, а залогот за владеење на правото и правната држава се искомпромитира со измени во кривичниот законик со цел обезбедување амнестии како трговска вредност во меѓу-партиските пазарења, наведува на власт која се противи на вољата на народот со што истата се карактеризира за депотистичка, во кое уредување власта се (само)издига над уставните ограничувања.
  5. Парадоксот на распишување консултативен референдум со трозначна и манипулативна прашална формулираност по потпишувањето на Преспанскиот Договор, наместо распишување на обврзувачки референдум со единечна и децидна прашална форма која има за цел да го консултира јавното мислење по основ на договорот пред неговото потпишување, како и парадоксот на неприфаќање на референдумскиот исход кој со 36,89% излезеност не го задоволи критериумот за цензус или одзив од минимум 900.000 (или 50% од вкупно 1.8 милиони) регистрирани гласачи во единствениот избирачки список, наведува на самоволие во кое партиципативната демократија (во конкретниот случај: референдумот) се користи како средство за валидизација на насилието преку „креативно“ толкување на референдумскиот резултат со излезеност на 666.344 граѓани од кои 609.427 или 91.46% гласале „за“ Преспанскиот Договор.
  6. Како да не е доволна абнормалноста на земја чии поранешен Премиер е политички азилант и актуелен шеф на влада аболициран политичар, амнестирањето како политички инструмент користен во својство на основна артилерија за политичка пресметка и пазарење, се противи на сите меѓународни политички пракси дефинирани од страна на Amnesty International и Belfast Guidelines on Amnesty and Accountability. Наместо амнестијата по службена должност (ex officio) да наиде на примена како политички инструмент кој има за цел да превенира конфликт и/или придонесе до пост-конфликтно помирување на опонентите за општо-народно добро, во Македонија амнестијата се користи за „уставна трговија“ по иницијатива на засегнатата страна (ex private), која што контраверзност овозможува двајца сторители на идентично дело да сносат различни последици, зависно од волјата и/или гордоста на обвинетиот.
  7. Како што правната логика изостанува од повторното актуелизирање на амнестиите од страна на СДСМ откако отпорот кон истите беше повод за крај на еден режим со цел да го наследи друг, правната логика подеднакво изостанува и во феноменот на потпишување на меѓународен договор од страна на двајца шефови на дипломатии (Коѕијас – Димитров) наместо шефови на држави (Павлопулос – Иванов), што само по себе претставува преседан во меѓународното договорно право. Функцијата Министер во мешовитиот парламентарен систем на двете земји, не подразбира потписничка моќ на меѓународен договор, туку единствено одлучувачки и извршни ингеренциите во домен на своето портфолио. Согласно, според член 119 од Уставот на РМ (1991), „меѓународните договори во име на Република Македонија ги склучува Претседателот на државата“, особено по основ на стапување или истапување од сојузи или заедници со други држави, кој став изостанува од ресорните области во кои Владата поседува договорно право дефинирано со член 3 од Законот за Склучување, Ратификување и Извршување на Меѓународни Договори (Сл. Весник на РМ – 5/1998). Додатна нелогичност произлегува од фактот дека македонскиот потписник на договорот со кој Македонија самоволно се одрекува од своето уставно име, воедно го предводеше случајот на земјата во Меѓународниот Суд на Правдата (МСП) како највисок правен орган на Обединетите Нации кој на 5 Декември 2011 година пресуди во корист на Македонија по жалбата од 17 Ноември 2008 година, со што се утврди дека Грција противејќи се на пристапувањето на Република Македонија во НАТО ја прекршила привремената спогодба од 1995 година врз кој основ МСП побара воздржување од нејзино повторно непочитување на меѓународното право. Неконзистентните политики на Обединетите Нации евидентни пеку посредништвото на медијаторот Нимиц во постигнувањето на Преспанскиот Договор со кој Република Македонија се лиши од правото на самоопределување (член 1 од Конечната Спогодба за резолуциите 817 и 845 на Советот за Безбедност при ОН, Псарадес/Нивици, 17 Јуни 2018), наспроти пресудата на МСП како највисок правен орган на Обединетите Нации со кој се утврдува дека „Македонија има право себеси да се именува како Република Македонија, према што Грција не смее да се противи на пристапувањето или полноправното зачленување на земјата во НАТО или друга меѓународна организација по основ на намерата Македонија да го користи своето уставно име“ (параграф 103 од пресудата на МСП на ОН, Хаг, 5 Декември 2011), укажува на недоследност на меѓународното право (jus cogens) и непочитување на сопствените органи (corpus juris) од страна на Обединетите Нации.
  8. Очигледниот меѓународен фактор и неговото влијание како на македонска така и на грчка територија во поддршка на Преспанскиот Договор, проследен со зачестени посети на високи дипломати, официјални писма до политички субјекти, инструкции до владеачките коалиции и ургенции до лидерите на политички партии и нивните членства, кои во целост отстапуваат од редовната пракса (во изминатите две децении) во која ниедна од земјите не се најде на приоритетната листа за интервенција од било каков тип на меѓународната заедница, повторно индицира на доминантен геополитички интерес спроведен во форма на билатерален договор кој го користи моментумот на дефицитарно национално единство и владеење на правото во постигнување на своите цели. Според член 50 од Виенската Конвенција за Договорно Право (1960), секоја интервенција кај било кој претставник или претставници на договорните страни, сама по себе претставува основ за поништување (negotia irrita) на еден веќе склучен меѓународен договор, со што се отвара сомнеж за правосилноста на Преспанскиот Договор, кој воедно по линија на помал отпор во македонското Собрание, наместо да биде поднесен до надлежната Комисија за Уставни Прашања и Комисијата за Надворешна Политика (со која претседава пратеник од опозициската ВМРО-ДПМНЕ), беше поднесен до Комисијата за Европски Прашања (со која претседава коалиционата ДУИ), со што се прекршија процедуралните одредби дефинирани со член 135 и 188 од Деловникот на Собранието на РМ.
  9. Иако интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО важи за стратешки интерес кој ужива национален консензус, условеноста на интегративниот процес со промена на уставното име на државата наместо интеграција на земјата единствено преку исполнување на критериумот за членство апликабилен за секоја друга земја членка, дополнета со ултимативна интепретација на Преспанскиот Договор како единствена перспектива на земјата, го доведува во прашање легитимитетот и демократското уредување на организациите за чие членство Македонија претендира со потпишувањето на Партнерство за Мир во 1995 (НАТО) и Договорот за Стабилизација и Асоцијација во 2001 (ЕУ).
  10. Меѓу многуте преседани кои оневозможуваат тренд на „good governance“ или добро владеење во Република Македонија, политичкиот наратив кој содржи елементи на непотизам, клиентелизам, субјективизам и пропаганден догматизам, се смета за клучен. Додека политичкиот наратив изобилува со препораки за внес на овошје и зеленчук како основна мерка против аеро-загадувањето, се служи со наводно киднапирање на политички азилант во немоќ да обезбеди соодветна истрага за истиот, како и располага со афера за стипендирање, вработување и распределба на тендери на поединци фамилијарно поврзани или блиски до власта, Македонија нема да стане земја членка на Европската Унија и НАТО, без разлика на Преспанскиот Договор и неговата имплементација. Земено во предвид дека квалитетот на политичкиот наратив зависи од целната група (македонскиот народ) за кој е наменет, заклучокот е дека вината за (не)успехот на нашата земја е колективен, односно, „Nemo Sine Vitio Est“!
Previous UMD Macedonian Masquerade Ball Kicks Off 2019

UNITED, WE CAN!

United Macedonian Diaspora
800 Maine Avenue SW Suite 200 Washington, D.C. 20024

Opening Hours:

Mon – Fri: 9:00 am – 5:00 pm

United Macedonian Diaspora © 2024. All Rights Reserved