Обединета македонска дијаспора (ОМД) категорично се спротивставува на секое партиско инструментализирање на иселениците, вклучително и нивното организирано доведување за обезбедување гласови на локални избори. Љубовта кон родното место не смее да се претвора во средство за освојување власт.
Нашите иселеници се луѓе со достоинство, семејства и сопствени убедувања. Недозволиво е политичките структури да ги третираат како товар што се превезува до избирачко место, а потоа се враќа назад во странство до следниот изборен циклус. Дијаспората заслужува почит, постојана комуникација и вистинско учество во иднината на Македонија.
Многумина ја напуштија земјата поради недостиг од услови за достоинствен живот, несигурни работни места, ниски примања, нефункционални институции и ограничени можности за напредување. Нивното заминување не беше едноставно избор против една партија, туку последица на долгогодишното потфрлање на различни политички гарнитури да одговорат на нивните основни потреби. Затоа е неприфатливо истите политички структури да ги повикуваат иселениците да се вратат за еден ден, за да обезбедат изборна победа, без да создадат услови тие трајно да се вратат и да живеат во својата татковина.
Ставот на ОМД е дека треба да постои јасна разлика меѓу учеството на дијаспората на парламентарни и претседателски избори и одлучувањето за локалната власт. Дијаспората треба да има глас за државните политики и иднината на Македонија. Изборот на градоначалници и општински совети, според нашето залагање, треба да им припаѓа на граѓаните што реално живеат во општините и секојдневно ги чувствуваат последиците од нивните одлуки во водоснабдувањето, училиштата, сообраќајот, хигиената и јавните услуги.
ОМД повикува на отворена расправа за соодветни измени на изборната рамка, со почитување на уставните права и демократските стандарди, како и на транспарентност за организирањето и финансирањето на изборните патувања. Овој принцип мора да важи еднакво за сите партии и за сите заедници, без етнички или политички исклучоци.
Ако политичарите навистина ја сакаат дијаспората дома, нека создадат услови за нејзино враќање со работа, сигурност и перспектива. Македонија има потреба од своите луѓе секој ден, а не само на денот на изборите.