ОМД: Ултимативните Договори и Уставните Интервенции Не Се Начин На Политичко Помирување

Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД), децидно ги отфрла уставните амандмани произлезени од Преспанскиот Договор и најостро го осудува незаконското разнебитување на македонскиот устав и држава.

Повторното актуелизирање на Охридскиот Договор и покрај неговото целосно имплементирање во 2004 година, ОМД смета дека е обид за создавање на бинационална држава во момент на безаконие и политичко самоволие. Следствено, концептот на бинационално општество што привилегира едно малцинство, ОМД верува дека е неправедно кон другите етнички малцинства и дијаметрално спротивно на предизборното залагање “едно општество за сите”.

Бришењето на одлуките на АСНОМ во преамбулата на Уставот, ОМД смета дека е манипулативен акт кој овозможува редефинирање на државотворноста на Република Македонија, со што се формира фиктивна држава и нација лишена од правото на историја и сувереност. Безправното бришење на одлуките на АСНОМ, кои иако евидентирани во македонскиот архив и колективна меморија, според премиерот Заев “не се чин на пријателство”, ОМД смета дека е злосторство кон сопствениот народ по цена на пријателство со непријателот.

ОМД категорично ја отфрла идејата на ултимативни договори и интервенции во Уставот и историјата на Република Македонија како единствен начин на “помирување” со Грција. Помирувањето на Франција и Германија после двете светски војни е пример како два ривали можат да ги надминат своите разлики преку конструктивен дијалог и стратешка соработка кој не подразбира уништување на државотворноста на другата страна. Оттука, ОМД верува дека помирување е можно единствено преку прифаќање на историските факти, извинување за злосторствата од минатото и стратешко партнерство кон иднината.

Бришењето на македонската државотворност и историја не е само загуба за Република Македонија и македонскиот народ, туку e и загуба за светската цивилизација.

Please follow and like us: