Site icon United Macedonian Diaspora

ОМД од Премиерот Груевски побара Министерство за Дијаспора

Претседавачот на управниот одбор на Обединетата македонска дијаспора (ОМД) г. Стојан Николов денеска испрати писмо до Премиерот Никола Груевски во кое се бара основање на Mинистерство за дијаспора.  Целта би била консолидирање на сите тела задолжени за прашања со дијаспората, вклучувајќи ги Aгенцијата за иселеници и Cекторот за дијаспора под Министерството за надворешни работи, во едно функционално и ефективно министерство кое би работело во корист на Македонија.

Во писмото се наведуваат два примери на министерства за дијаспора на Словенија и Израел.  Во склоп на словенската Влада има министер без портфолио задолжен за Словенците во странство и за словенечкото малцинство во соседните земји, како и словенечките емигранти во светот.  Израел, од друга страна, е исто така успешна приказна, можеби и најуспешната, за тоа како да се инволвира дијаспората во корист на државата и како да се изгради мост помеѓу дијаспората и нејзината историска татковина.  Во својот склоп, Владата на Израел традиционално ја има издигнато важноста на својата дијаспора на министерско ниво, т.е со функцијата Министер за информации и дијаспора, која служи како мост за комуникација помеѓу Израел и дијаспората.

Па така, по примерот на други земји, ова таканаречено “Министерство за прашања со дијаспората” би било задолжено за македонското малцинство во соседните земји и македонските иселеници ширум светот.  Ова министерство би имало за цел да го заштити македонскиот идентитет, јазик и култура, како и да влијае позитивно врз надворешната политика во тие држави каде што живеат македонските иселеници во однос на Република Македонија.  

Во писмото се наведува дека дијаспората има нераскинлива врска со татковината и дека таа врска треба да се негува и искористи за добросостојбата на Македонија.  Проценето е дека благодарение на Македонците од дијаспората 18-20 % од бруто домашниот производ на државата доаѓа од инвестициите на македонските иселеници.  “Имајќи ги во предвид придобивките од дијаспората, ОМД препорачува дека следниот чекор на Владата на Република Македонија кон македонската дијаспора би требало да биде издигнување на кабинетско ниво прашањето за дијаспората, како би се изедначила важноста на дијаспората со други сектори,” вели Николов во писмото. 

Exit mobile version