Site icon United Macedonian Diaspora

Мик Велоски е овогодинешниот добитник на ОМД наградата за животно дело

Обединетата македонска дијаспора (ОМД) со гордост Ви соопштува дека оваа година престижната ОМД награда за животно достигнување ќе му биде доделена на Мик Велоски како признание за неговата значајна улога во напредувањето на македонската кауза. Наградата на Велоски кој е првиот Македонец од Австралија што добил вакво признание ќе му биде врачена на 5-ти јули 2013 за време на годинашната гала свеченост во Le Montage Reception во Сиднеј (Австралија).

“Г-дин Велоски е навистина истакнат австралиско-македонски лидер кој во текот на последните седум децении има остварено огромен придонес во борбата за слободна, независна и суверена Македонија,” истакна претседателот на ОМД, Методија А. Колоски. “Имав привилегија лично да го запознаaм за време на мојата посета на Австралија во 2010 и да се уверам дека неговата посветеност и страст се голема инспирација, а тој вистински пример за иселенички активизам.”

“Како еден од првите лидери на австралиско-македонската заедница, Г-дин Велоски им даде глас на нашите луѓе во време кога можевме само да сонуваме за сопствена и независна држава,” напомена австралискиот директор на ОМД, Ордан Андреевски. “Тој со децении претставува столб на нашата заедница, и неговите пионерски напори во име на македонските човекови права ќе бидат засекогаш ценети и запаметени.”

Мик Велоски е роден во 1924 во село Гратче, Егејска Македонија (денешна Северна Грција). Во 1935, неговото семејство се преселува во Перт, Австралија. Тој е еден од првите лидери на македонската заедница во Австралија и повеќе од седумдесет години работи активно на основањето на весници, изградба на цркви, креирање на групи за човекови права и други граѓански организации. Доколку сакате да дознаете повеќе за ликот и делото на Мик Велоски, Ве молиме прочитајте го следново интервју: http://www.pollitecon.com/html/life/Mick_Veloskey_Interview.htm

Наградата на Обединетата македонска дијаспора за животно дело се доделува на истакнати индивидуи кои со своите активности имале клучно влијание во општеството за напредувањето на македонската кауза. Како признание за неговото лидерство, филантропија и патриотизам, управниот одбор на ОМД едногласно го избра Мик Велоски за овогодишен добитник на наградата.

Претходни добитници на истата награда биле Џорџ Атанасоски, Џон Л. Н. Битов, првиот Претседател на Република Македонија, Киро Глигоров и Џејмс Саундерс. Ве молиме кликнете овде да дознаете повеќе за наградите и признанијата кои ги доделува ОМД.

ОМД гордо го признава Мик Велоски како инспирација, лидер во заедницата, горд сопруг, татко и дедо, филантроп и патриот.

Доколку сакате да станете спонзор или да ги купите Вашите влезници за Галата, Ве молиме обратете се кај Ордан Андреевски на (0438) 385 466 или кај Роберт Паскуал на (0417) 932 388, или испратете е-пошта на australia@umdiaspora.org. Влезниците можат да се купат на веб-страницата http://www.trybooking.com/CNOA

Exit mobile version