Site icon United Macedonian Diaspora

Изјава на ОМД по повод инаугурацијата на претседателот Бајден и потпретседателката Харис

Обединетата македонска дијаспора (ОМД), гласот на повеќе од половина милион Американци со македонско потекло, му упати честитки на Јозеф Р. Бајден за стапувањето на должност 46-ти претседател на САД и на Камала Д. Харис, ќерка на имигранти од Јамајка и Индија, за нејзината историска улога во американската историја како прва жена потпретседател на Соединетите Американски Држави.

Очекуваме соработка со администрацијата на претседателот Бајден за да постигнеме вистинска и трајна промена на позицијата на Македонија во глобални рамки. Во последните неколку години, глобалниот статус на Македонија длабоко страдаше поради недостатокот на поддршка од Западот против дискриминаторските и ксенофобични напади насочени против Македонија и македонскиот народ.

ОМД е во фаза на изработка на клучните цели кои организацијата треба да ги постигне во 2021 година. Критична цел ќе биде соработка со американските власти во насока на подобрување на инвестициите и економските можности за Македонија, како и потпишување и спроведување на Договорот за одбегнување на двојно оданочување помеѓу двете земји. Исто така, ќе бараме гаранции дека владата на САД нема да поддржува било какви политички ултиматуми од грчката и бугарската влада насочени против Македонија.

Напорите на Македонија да го заземе нејзиното заслужено место во рамките на Европската унија (ЕУ) и НАТО отсекогаш беа и се поддржувани од ОМД, но не по секоја цена. Патот до НАТО не беше лесен, и истиот нажалост резултираше со промена на името на земјата и поткопување на македонскиот идентитет. Нажалост, и покрај овие лоши одстапки што ги направи сегашната влада, процесот на пристапување на Македонија кон ЕУ и понатаму трпи одолговлекувања поради себичните барања на бугарската и грчката влада.

ОМД и нејзините млади водачи Генерација М исто така се залагаат и напорно работат за поголемо јавно признавање на системската и историската дискриминација со кои се соочуваат македонските малцинства во Бугарија и Грција, а кои продолжуваат до ден-денес.

Стојан Николов, претседавач на ОМД изјави:

„Ние во ОМД, очекуваме дека администрацијата на Бајден ќе игра поголема улога на Балканот и Југоисточна Европа. Градењето демократија, борбата против корупцијата и криминалот и заштитата на владеењето на правото се од клучно значење за регионот. Ние веруваме дека е потребен и нов американски фокус за унапредување на економскиот развој и создавање работни места – спречување на одлив на мозоци од Македонија и други земји.

Ние би сакале оваа администрација да донесе и спроведе Договор за одбегнување на двојно оданочување со Македонија што е можно порано за да ги прошири трговските односи и да им користи на американските и македонските бизниси и поединци, особено на пензионерите.

Откако ќе се вратиме на одредена нормалност од пандемијата КОВИД-19, ги повикуваме државниот секретар и секретарот за трговија на новата администрација да се посветат на организирање на Самит за бизнис меѓу САД и Балканот во Охрид, Македонија, за да ги охрабрат американските инвеститори да инвестираа во Македонија и регионот “.

Мето Колоски, претседател на ОМД изјави:

“На секои четири години, Американците имаат избор да свртат страница и да создадат нова иднина. ОМД се надева дека претседателот Бајден и потпретседателката Харис ќе ја стават економската дипломатија во фокусот на нивната администрација со цел водење на прогресивна и инклузивна надворешна политика што ќе ги претставува правата на таа најскапоцена американска вредност: самоопределувањето.

Со нетрпение очекуваме да работиме со претставници на администрацијата на Бајден за да и помогнеме на Македонија да заземе централно место како водечки сојузник на САД на Балканот и Југоисточна Европа. Поради ова, ние би сакале да видиме подобро препознавање на предизвиците со кои се соочуваат македонските малцинства, како и поддршката на САД за решавање на уникатните проблеми со кои се соочува Македонија.

Со создавање на економска стабилност за Македонија и поддршка на нејзиното право да се приклучи на меѓународните организации како ЕУ, без малтретирање и уценување од страна на нејзините соседи кои го оспоруват македонскиот јазик, идентитет и наследство, би се осигурил подобар и траен мир, и просперитет за целиот регион, а не само за Македонија.”

Exit mobile version