
Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД) ги осудува потценувачките изјави на Андреј Ковачев, пратеник во Европскиот Парламент од Бугарија во врска со постоењето на македонскиот јазик и активностите на ОМД во македонската дијаспора. Однесувањето на г-динот Ковачев е непристојно за активен член на Европскиот Парламент и покажува јасна ксенофобија и расизам. Г-динот Ковачев јавно го истакнува не само недостигот од европски вредности, туку и немањето на основни човечки вредности: разбирање за другиот, прифаќање на разлики и почит за човечкото достоинство. Го повикуваме Европскиот Парламент официјално да го опомени и да им стави крај на напорите на бугарската држава за негирање на македонскиот народ и македонскиот јазик.
Македонците и македонскиот јазик постоеле, постојат и ќе постојат. Негирање на овие факти е одлика на фашизам – идеологија што го оправдува отстранувањето на другиот и што одредува што е правдина со пушки и насилство. Во демократските општества, секој глас е важен, не само оној на насилникот кој ужива во мачење на беспомошниот.