ОМД ги осудува антисемитските напади од владини и партиски претставници, и новинари кон Рашела Мизрахи

Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД) остро ги осудува антисемитските напади врз првата еврејка министер во Македонија, Рашела Мизрахи. Нападите и навредите изречени кон Мизрахи беа дел од координирана кампања која кулминираше со нејзиното отстранување од позицијата министер за труд и социјална политика изминатиов викенд.

Мизрахи неколкупати одржа прес конференции пред табла на која беше испишано правилното име на нашата држава, Република Македонија. Мизрахи, стоејќи пред таа табла тивко протестираше против неправдата која и беше нанесена на Македонија преку условувачкиот процес за промена на уставното име на земјата.

Изреволтирани од нејзините акции, членови на владеачката гарнитура набрзина започнаа парламентарна процедура за нејзино отрстанување од позицијата министер. Оливер Спасовски, кој ја предводеше процедурата, ја обвини Мизрахи за непочитување на уставот на земјата. Многу набљудувачи, вклучително и ОМД, го критукуваа самиот процес за промена на уставното име на Македонија како неуставен и противзаконски. Таргетираната кампања против Мизрахи само ја демонстрира тажната реалност и дволичноста која преовладува во македонската политика.

Спроведувањето на овој политички напад беше проследено со злобни и предходно незабележани навреди и антисемитски изјави. Како највпечатлив пример останува несреќната изјава на новинарот Бранко Тричковски, кој ја обвини Мизрахи дека ‘‘јадела хумус од мртви евреи‘‘. Друг новинар јавно кажа дека тој бил изненаден од нивото на интелегенција на Мизрахи, со оглед на тоа што таа е еврејка. Партиски активисти на СДСМ повикаа Мизрахи да си ја закчи давидовата звезда во својата канцеларија. Овие недолични изјави беа одекнати од други луѓе, кои исто така беа незадоволни од тивкиот протест и од патриотскиот став на Мизрахи. Нападите врз Мизрахи се случуваат во време кога евреите во Европа и на запад ја одбележуваат 75-годишнината од ослободувањето на концентрационито логор во Аушвиц.

Скандалот поврзан со отсртанувањето на Мизрахи предизвика лавина реакции и осуди на меѓународната сцена, со весници како престижниот Њујорк Тајмс кои објави реакции по повод антисемитските напади врз Мизрахи.

ОМД стравува дека третманот на кој Мизрахи беше неправедно изложена од страна на социјал демократите и нивните поддржувачи несомнено ќе ја влоши ситуацијата со евреите во Македонија, и ќе оддалечи идни македонски евреи од превземање на значајни јавни позиции.