ОМД: Популизмот не е начин на добро владеење

Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД) ги осудува владините популистички и неетички мерки, со кои се манипулира гласачкото тело во време на сеуште нераспишани претседателски и парламентарни избори.

Отстранувањето на оградата во комплексот на Владата, како би се пратила порака на „отвореност кон народот“, според ОМД отстапува од сите приоритети и актуелни барања на народот кому владата би требала да му служи. Доколку Владата имаше за дел да се раководи според народното мислење и барања, за почеток можеше да го испочитува референдумскиот исход за непромена на уставното име на Република Македонија, како и да се посвети на обезбедување поздрава животна средина на своите граѓани кои живеат во земја-лидер во аеро-загадувањето. Контрадикторно од намерата на владата преку отстранување на оградата да се доближи до јавноста, ОМД сведочи на многу примери во светот каде и покрај тоа што владините институции се оградени, народот кому истите им служат, негува поголема отвореност, соработка и учество во јавните политики.

ОМД го осудува и простувањето на долгот во висина од 110 милиони евра на граѓаните кон ЕВН и ЕЛЕМ, како и простувањето на долгот на приватните винарии кон лозарите од над 1.5 милиони евра, во време кога јавниот долг на Македонија според Меѓународниот Монетарен Фонд за прв пат ја надминува црвената линија од над 50% од Бруто Домашниот Производ (БДП). „Моралниот хазард“ во намера да ги придобие гласовите на најранливата социјална категорија на граѓани, не само што ги казнува уредните подмирувачи на долг, туку воедно и ја загрозува земјата со ризик од банкрот.

Осуда наместо пофалба заслужува и одлуката за вовоедување на функцијата „Заменик Директор“ во секое јавно претпријатие, која и покрај финансиската неодржливост кај повеќето од нив, ги користи претпријатијата како начин за вработување на партиски кадри или потенцијални гласачи за опцијата која на товар на државата го решила нивниот работен статус.

Последна во низата на популистички и неетички мерки на владата, но не и од помала штета кон „доброто владеење“ во Македонија, е и субвенционирањето на пишаните медиуми во време на предизборие, со што се отвара сомнеж за дуректна интервенција во нивното известување, со што воедно би се интервенирало во јавното убедување на претстојните избори.