ОМД: Наместо Едно Општество за Сите, Македонија е Лидер во Корупција

Во последниот извештај на Транспаренси Интернешнл објавен на 29 Јануари 2019 година, Република Македонија се издвојува како лидер во корупција во регионот согласно Индексот за Перцепција на Корупцијата за 2018 година. Според Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД) разочарувачкиот резултат не само што е пораз за демократијата и економијата во Република Македонија, туку и пораз на сите владини мерки и предизборни залагања за правна држава и едно општество за сите.

Покрај неуспехот да споведе правда за криминалните акти за кои беше и формирано, Специјалното Јавно Обвинителство (СЈО) достави барање до пратениците во македонското Собрание за продолжување на мандатот во трајно специјално јавно обвинителство, токму на денот кога Транспаренси Итернешнл преку Индексот за Перцепција на Корупцијата за 2018 година го потврди сомнежот за пристрасност на СЈО во спроведување селективна правда. Според ОМД, покрај пристрасноста и субјективноста на СЈО, свој удел во разочарувачкиот извештај на Транспаренси Интернешнл има и уставата трговија (во монетарна и немонетарна вредност) евидентна во ратификувањето на Преспанскиот Договор, како и стипендирањето, вработувањето и распределбата на тендери на поединци фамилијарно поврзани или блиски до власта.

Со цел институционално и долгорочно справување со корупцијата која ја издигна Република Македонија заедно со Косово на 93-тото место на Индексот за Корупција во јавната администрација на Транспаренси Интернешнл, ОМД ги повикува сите политички субјекти да се посветат на реформите во судството и јавната администрација, чија работа би ја следела независна антикорупциска комисија. Воедно, ОМД ги повикува сите жртви на корупцијата да се обратат до Народниот Правобранител (Омбудсман) и граѓанскиот сектор кој се залага за борба против корупцијата, како би се оневозможило или барем отежнало коруптивното делување во Република Македонија.

ОМД уверува дека правната држава се гради единствено преку постојана и колективна борба за човековите права и еднаков третман пред законот. Согласно, секое спротиставување против корупцијата е должност на секој директно или индиректно засегнат граѓанин, а секое пасивно или активно одобрување подразбира соучество во коруптивното делување.