ОМД: Преспанскиот Договор успех на западните геополитички интереси, но голем неуспех за демократијата и меѓународното право

Со 153 гласа „за“, 146 „против“ и еден „воздржан“, грчкиот Парламент го ратификуваше Преспанскиот Договор, проследен со евидентна интервенција на меѓународната заедница и трговија на интереси за глас повеќе. Според Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД), начинот на склучување, потпишување и ратификување на Преспанскиот Договор, е успех на западните геополитички интереси, но голем неуспех за демократијата и меѓународното право!

ОМД го осудува говорот на омраза и вандализмот на протестантите кои го спалија македонското знаме на плоштадот Синтагма за време на амандамантската расправа во грчкиот Парламент, кои наместо осуда од страна на меѓународната зедница, наидоа на честитки непосредно ратификувањето на договорот. Според ОМД, реакцијата на меѓународната заедница изостана и во говорот на Пратеникот Никос Филос кој со изјавата дека „Македонија не е една и Грчка, туку напротив, постојат многу македонии одредени со Договорот од Букурешт“, јасно се потврди правото на самоопределување кое е ускратено на еден народ со цел да се угоди на друг. Говорот на Премиерот Ципрас во кој изнесе историски факти за постоењето на “славо-македонски” буквар со што се потврдува говорењето на македонскиот јазик а воедно и постоењето на македонскот народ на грчки територии, кој за време на граѓанската војна бил протеран без право на негова репроприација, според ОМД е потврда за се она што Македонија години наназад се бореше да го докаже, но бесправно беше обвинета за иридентизам. Со ратификацијата на договорот, сите докази и изнесувања на историски факти преку протерувањето на 70.000 деца бегалци и падот на Мирка Гинова како прва жртва на граѓанската војна, се анулираат без можост правдата некогаш да ја стигне вистината.

„Северна Македонија која што се роди денес, ќе биде земја пријател, сојузник и поддржувач на Грција во нејзините напори за безбедност, стабилост и заеднички напредок во регионот“, гласеше изјавата на Премиерот Ципрас за официјалното стапување во сила на Преспанскиот Договор, која што изјава во целост го потврди фактот дека договорот создава нова земја и нација, наместо нивно преименување со географска одредница.

Македонската историја и сегашност се обесправени, но ОМД верува дека поучени од искуството, македонскиот народ ќе го поврати националното единство и обедини за вистината на своето постоење. Историјата ја пишуваат победниците, но подеднаква трага оставаат и оние кои и пркосат на неправдата дури тогаш кога чинители се нивните сонародници, во кој контекст, ОМД ги препознава напорите на писателката, филмски-директор и уметник Зои Мавроуди (меѓу другите), која смело застана на страната на вистината, на страната на Македонија.