ОМД: Северна Македонија не е нашата Татковина!

Со евидентно насилие прикриено зад превезот на демократијата, уставните измени предвидени со Преспанскиот Договор со кој Република Северна Македонија се издига врз падот на Република Македонија, остварија дво-третинско мнозинство од 81 глас „за“ во третата финална фаза на 75-тата седница во Собранието на Република Македонија.

Додека меѓу-партиското тргување со амнестии, меѓународните притисоци и бескомрпомисното самоволие на власта испорачаа резултат во сечиј интерес освен македонскиот, Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД) потсетува дека земја без идентитет, интегритет и суверенитет не подлежи на просперитет, а најмалку не на евро-атлантски.

Стојан Николов, Претседавач на ОМД:

„Порано или покасно, вистината и правдата ги стигнува оние кои им пркосат. Битката е изгубена, меѓутоа борбата допрва почнува. Имаме должост да ја пренесеме македонската историја и идентитет до идните генерации, како тие би можеле да го повратат она што ние го изгубивме денес. Секогаш Република Македонија, Никогаш Северна!“

Методија А. Колоски, Претседател на ОМД:

„Денес е историски ден за Македонија, не поради стапувањето во сила на Преспанскиот Договор, туку поради актите на одредени политичари кои сакаат да му го одземат на сопствениот народ фундаменталното право на самоопределување.“