25,000 долари од Нимиц за главната Конгресменка на Грчкото лоби во САД

Од 1995 година до 2017 година, конфликтниот медијатор на Обединетите Нации Матју Нимиц има донирано вкупно 25,000 долари во кампањата на Конгресменката Каролин Малони, демократ од Њу Јорк, која е основач, воедно и ко-претседавач на Конгресната Група за пријателство со Грција. Исто така, Нимиц има донирано финансиски средства и во кампањата на поранешниот Сенатор Сарбејнз кој е со Грчко потекло. Овие информации можат да се најдат на официјалната вебстраница на Федералната Изборна Комисија на САД.

Конгресменката Малони ја основа оваа Конгресната група за пријателтво со Грција во 1996 и всушност е претставник на една од најголемите Грчки заедници надвор од Грција и Кипар. Оваа група на Малони има 5 цели, од кои една е и за односите на САД со “поранешната Југословенска Република Македонија” како што пишува на нејзината вебстраница. Малони редовно поднесува анти-Македонски резолуции во Конгресот на САД против Македонија и декларативно е против членството на Македонија под уставното име во НАТО. Малони беше голем противник на признавањето на Македонија под уставното име во 2004 од страна на САД од тогашниот Претседател Џорџ Буш. Кога Хилари Клинтон беше Државен Секретар, Малони испрати писмо до Клинтон со барање САД да го повлече признавањето на уставното име на Македонија. И денес Малони редовно пишува статии против Македонија и оддржува говори во Конгресот и пред Грчката заедница против Македонија.

Обединета Македонска Дијаспора јавно прашува дали Претседателот на Република Македонија, Владата, Собранието и Опозицијата сеуште ќе продолжат да ги занемаруваат и премолчуваат овие факти, каде повеќе од очигледно е дека се ништо друго освен конфликт на интерес на наводно неутралниот Нимиц: лични донации, купување на Данска банка со оддел во Грција во 2005 година кога Нимиц обавувал функција на главен оперативен директор на фирмата Генерал Атлантик, и последниот конфликт т.е. нововработената асистенка на Нимиц која има Грчко потекло.

ОМД инсистира од државниот врв, Македонија под итно да ги прекине разговорите кои се водат под покровителство на ОН и да бара од Генералното Собрание со резолуција Републиката да го користи уставното име во сите меѓународни односи и односи со ОН.

ОМД е спремна и стои на распологање преку својата мрежа да придонесе и да и помогне на Македонија за започнување и продлабочување на релации со политичките претставници во САД и ОН, како и да придонесе во економскиот развој на државата.

Дијаспората е најголемиот инвеститор во Македонија, цврсто стои во одбрана на името, идентитетот, јазикот, и нацијата, и нема да дозволи матична Македонија да навлезе во безбедносна, политичка и економска нестабилност.

Обединети, Можеме!