ОМД бара национален консензус за заштитa на името без референдум

Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД) е загрижена по повод изјавата на министерот за надворешни работи, Никола Димитров, кој по вчерашната средба со универзитетскиот професор од Грац, Флоријан Бибер, го изјави следното: “Прашањето има таква природа што не може да се реши одржливо, ако не се прашаат граѓаните. Тие мора да се прашаат во интерес на одржливо решение. Затоа, ако немаат консензус и имаат внатрепартиска битка на ова прашање, нашата позиција слабее.”

Мало потсетување на референдумското прашање од 1991 година: “Дали сте за суверена и независна држава Македонија, со право на влез во иден сојуз на суверени држави на Југославија?” на кое 95.26% од македонските граѓани се изјаснаа ЗА, притоа признавајќи и прифаќајќи го името Македонија како наше единствено уставно име.

Министре Димитров, ОМД е засегната од вашиот вчерашен обид за иницирање на неприродно прашање кое истовремено го засега и македонското малцинство во Грција, Бугарија, Албанија, Србија и Косово, и секаде низ светот. Денешната Република Македонија која нема ексклузивност на името на народот, јазикот и културата, кои беа негувани и зачувани со векови иако под робство, мора да работи на нивно постојано негување и зачувување за следните генерации.

ОМД смета дека во Република Македонија, во држава која 15 години нема спроведено попис, држава која воопшто нема никаква статистичка евиденција за емигрантскиот одлив на Македонците во изминатите години, како и во крајно комплицираната политичка ситуација во која се наоѓа земјата денес каде двете најголеми политички партии се на дијаметрално спротивни точки и немаат консензус нити по прашања кои се од локален општински карактер и притоа наместо да наоѓаат решение за проблемите кои го отежнуваат секојдневното функционирање на македонските граѓани, тие се препукуваат меѓусебно, е во најмала рака несериозно државничко делување.

Од горенаведените причини, ОМД ги повикува сите лидери на политичките партии во Македонија да се состанат со премиерот Зоран Заев под покровителство на претседателот на Македонија Ѓорѓе Иванов, каде би постигнале консензус за одбрана на уставното име на Република Македонија и прекинување на сите можни обиди за промена на истото.

8 Comments

Comments are closed.