Средба на ОМД со Министерот Димитров во Вашингтон

Денес, 27ми ноември 2017 година во Амбасадата на Република Македонија во Вашингтон, Обединета Македонска Дијаспора (ОМД) оствари едночасовна средба со Министерот за Надворешни Работи на Македонија, Никола Димитров – негова прва средба за време на неговата тридневна посета во Вашингтон.

На средбата беа разменети ставови и мислења околу моменталната ситуација во татковината, како и по важни прашања за националните стратешки интереси на Македонија, спорот со Грција околу разликите за името, македонските малцинства во соседните држави, евроатланските интеграции, правата на граѓаните на Македонија во дијаспората и реафирмирање на идејата за воведување на електронско гласање на дијаспората, како и билатералните односи Македонија – САД.

На оваа средба, делегацијата на ОМД ги повтори јасните ставови за прекин на разговорите под покровителство на ОН околу разликите за името со Грција, несогласувањето со можноста за референдумско изјаснување по евентуален предлог, и побара зголемен ангажман околу грижата за македонското малцинство во соседните држави. Исто така ОМД изрази загриженост во носење решенија без национален консензус за прашања од национален интерес на Македонија.

Делегацијата на ОМД ја потенцираше важната улога на македонската заедница во САД за подлабочување на односите помеѓу Македонија и САД, и зголемување на Конгресната Група за Македонија, која моментално брои 35 членови на Конгрес.

Во среда, под организација на Атлантскиот совет на САД, ќе се одржи конференција под наслов “Следната бура? Обликување на балканската иднина во ера на неизвесност,” на која ќе учествуваат претставници на ОМД, а Министерот Димитров ќе одржи говор на тема “НАТО на Балканот: Обезбедување на границите на турбулентни времиња.”