ОМД против селективната правда на Македонскиот судски систем за случајот Темелко

Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД) внимателно го следи развивањето на настаните по повод приведувањето на градоначалникот на Пустец, Албанија, Едмонд Темелко и изразува незадоволство за селективниот пристап на Македонските судски институции. Во период кога сите судски обвиненија подигнати од Специјаното јавно обвинителство (СЈО) се одолговлекуваат и во период кога нити еден друг обвинет товарен за истотиот случај не е притворен, ОМД смета дека одлуката за негово приведување не е кредибилна и самиот чин на приведување е спроведен во служба на изборен маркетинг.

Едмонд Темелко важи за еден од најистакнатите претставници на Македонското малцинство во Албанија, чијашто работа за Македонската национална кауза е од витален карактер. Токму поради тоа, ОМД апелира до двете политички партии во Македонија да не го злоупотребуваат Македонското малцинство во Албанија за политички маркетинг.

ОМД, исто така, ја користи оваа прилика да го повтори својот долгогодишен апел за неполитаризирано независно судство во Македонија. Истовремено, ОМД тврди дека селективна правда е неправда и истата нема да придонесе кон унапредување на довербата во уставно правниот систем во Македонија. Токму поради таа причина, ОМД го повикува Народниот Правобранител да реагира. ОМД ги повикуваа Министерството за Правда и Судските власти во Македонија да ја отповикуваат мерката за притвор и да му овозможат рамноправен третман за Едмонд Темелко како останатите обвинети за истиот случај за кој е и тој товарен.