ОМД: Изјава по средбите со владината делегација и медијаторот Нимиц

Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД) со седиште во Вашингтон ја започна работната недела во Њу Јорк остварувајќи средби со Македонската владина делегација која учествува на 72то генерално собрание на Обединетите нации (ОН) и со специјалниот медијатор во преговорите за името на ОН, Метју Нимиц.

На средбата со Македонската владина делегација, која траеше не полни два часа, предводена од премиерот Зоран Заев, министерот без ресор назначен за дијаспората Едмунд Адеми, министерот за надворешни работи Никола Димитров, и членови и советници на нивните кабинети, присуствуваа претседателот на OMD Методија А. Колоски, претставници и активни членови на ОМД. Како и во претходните два состаноци со владина делегација во Јули и Август годинава, ОМД ja искористи и оваа средба да ги повтори своите цврсти ставови за прашања од критична важност за Македонија кои веќе и се добро познати на македонската јавност, како и да потенцира дека состаноците со владината делегација се прилика ОМД да ги искаже своите ставови за проблемите во внатрешната и надворешната политика на Македонија и мислењето на дијаспората за истите.

Претседателот на ОМД, Методија А. Колоски, го отвори состанокот со прашања околу чувствителниот предлог закон за јазици во Македонија предложен од страна на владеачката коалиција и ја искористи оваа можност да го повтори добро познатиот став на ОМД дека за ОМД e неприфатливо се што задира по македонскиот устав, унитарноста, националните интереси, територијалниот интегритет на Република Македонија, како и можно креирање на бинационална држава наместо држава за македонците и сите малцинства со подеднакви права. ОМД побара подетално објаснување за новиот предлог закон за јазици и за неговата можна импликација, за што доби објаснување од премиерот Заев дека овој предлог закон претставува само последниот легален дел од законот за јазици донесен во 2008 и 2011 година и не задира по Уставот на Република Македонија. Во тој контекст, Колоски го постави прашањето за попис на населението во Република Македонија, на што премиерот Заев даде ветување дека ќе биде спроведен во 2019 година.

Последователно, Владимир Котевски, активен член на ОМД, побара подетално објаснување од владината делегација за Грчкиот проблем со нашето Уставно име и притоа го потенцира ставот на ОМД дека ОМД инсистира да се прекинат сите преговори за името земајќи го предвид фактот дека веќе 137 земји ја признаваат Република Македонија под нејзиното едно и единствено уставно име. Котевски продолжи со повторување на критичниот став на ОМД за договорот со Бугарија, притоа потенцирајќи дека договори со соседните и други земји треба да се сведат на градење бизнис односи со што би се иницирала подобра економска слика за Македонија, меѓутоа ставот на ОМД е дека такви и било какви други договори не смеат да бидат штетни на интегритетот на државата и заштитата на правата на македонските малцинства во тие држави.

Претседателот Колоски се надоврза со потенцирање на ставот на ОМД за НАТО и Европска интеграција на Македонија, со посебен нагласок дека владата на Република Македонија не треба да дозволи влезот во НАТО и ЕУ да биде проследен со услов за промена на име.

Во редовите на ОМД, беше поканета да присуствува долгогодишната соработничка Ајла Делкич од Советoдавниот Совет на Босна и Херцеговина која ја потенцираше важноста на работата на ОМД како единствен постоечки глас за Македонија во Вашингтон и иницијатор на конгресната група на пријатели на Македонија и Македонско Американската заедница која веќе брои 33 конгресмени. Делкич во своето излагање исто така додаде дека поделеноста помеѓу македонската дијаспора може само да и наштети на Македонија и дека постоењето на еден, единствен и цврст заеднички став на дијапората може само да произнесе со позитивни резултати и напредок на Македонија.

Претставникот на ОМД за Њу Јорк, Вера Арсова, зборуваше за проблемот со кој се соочува македонската заедница во Њу Јорк и Њу Џерси поради немањето на активен конзул. Земајќи го во предвид фактот дека токму таа македонска заедница е една од најбројните македонски заедници во САД, немајќи активен конзул е голем хендикеп. Исто така, Арсова побара да се врати конзуларното преставништво во Њу Јорк, со оглед на пристапноста на контакти и случувања од полето на економија и политика. Во тој контекст, Арсова побара отварање на конзуларни преставништва во Лос Анџелес, Перт и Сиднеј. Арсова се надоврза со предлог до владината делегација за соработка во иден проект кој би бил спонзориран од владата, преку кој ќе се отвори можност за македонските државјани од Македонија да остваруваат пракса во САД, како и за поддршка на Интернет Центарот за изучување на Македонски јазик за деца и возрасни родени надвор од Македонија.

Во дискусијата за дипломатски конзуларни претставништва, Колоски се надоврза искажувајќи го незадоволството на ОМД за неодамнешната одлука на Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, за повлекување на Македонскиот генерален конзул Јовица Палашевски од Торонто. Работата на Македонските дипломатски конзуларни преставништва е да бидат помеѓу Македонската заедница, а Господинот Палашевски беше еден од тие дипломати што секогаш беше активен член на македонската заедница која ја претставуваше и служеше во име на Република Македонија. Колоски потенцираше дека причината за повлекувањето на Палашевски е неоснована, од причина што Палашевски не бил организатор на најголемиот собир на Македонската заедница во Канада каде била изложена картата на географска Македонија, туку само нивен гостин. ОМД апелира на разумни реакции при спорни случки како горе наведената, и враќање на Палашевски на неговата функција, Генерален Конзул на Република Македонија во Торонто.

Директорот на хуманитарните акции на ОМД, Ана Дукоска, зборуваше за активностите на ОМД од хуманитарен карактер, меѓу кои го издвои проектот Ајвар5К, интерактивна трка на 5км од која собраните средства се наменети за маргинализираните групи во Македонија, како домовите за деца без родители и локални зруженија чии членови се лица со посебни потреби. Дукоска потенцира дека во склоп на хуманитарниот аспект од проектот, е во комуникација и со новата министерка за труд и социјала, Мила Царовска, како и група на родители на деца со посебни потреби од различни категории при обработување на барања за промена на законот за лица со посебни потреби преку кои би се подобриле условите за живеење на истите. Дукоска апелираше до премиерот за директна соработка со родителите на лицата со посебни потреби при изнаоѓање на идејни решенија за истите како директно афектирани.

Колоски го затвори состанокот со барање да се отвори министрество за дијаспора и уште еднаш повика за вклучување на ОМД во процесот на градење на национална стратегија кон интегрирањето на дијаспората во унапредување на Република Македонија на политички и социо економски план. Колоски апелираше до владината делегација да работат во интерес на националните интереси и потенцира дека ОМД ќе продолжи будно да ја следи нивната работа и да дава конструктивни критики или поддржува соодветно.

Во низата на состаноци што ги одржа во изминатите три дена, претседателот на ОМД, Колоски, оствари средба и со специјалниот медијатор во преговорите за името на ОН, Метју Нимиц. На средбата Колоски уште еднаш го повтори ставот на ОМД дека преговорите за името мора да се прекинат, повторно нагласувајќи дека 137 земји веќе ја имаат признато Македонија под своето уставно име. На овој состанок, ОМД потенцира уште еднаш дека не го прифаќа ставот на двете најголеми Македонски политички партии за референдум за името на Република Македонија, притоа истакнувајќи дека Владата на Република Македонија има мандат да се придржува до Уставот на Република Македонија во целост, а според истиот не постои никакво отворено прашање околу желбата и одлучноста на народот за името на својата држава – Република Македонија.