ОМД е загрижена околу политичката криза во Република Македонија

Обединетата македонска дијаспора (ОМД), една од водечките македонски организации кои работи за промоција на Македонија во светот, загрижено ги следи актуелните политички случувања во Република Македонија. ОМД како независна, невладина, непрофитна, непартиска и неполитичка организација ја повикуваа Владата и опозицијата на интензивен дијалог за решавање на политичката криза под покровителство на двете највисоки институции во Македонија, Претседателството и Собранието. Најголем губитник од оваа ситуација е Македонија и македонскиот народ, и затоа бараме да се стави националниот интерес над партискиот со цел да се врати нормално функционирање на државните установи.

ОМД смета дека е особено важно да се открие кој ја повредил слободата на граѓаните и ги прислушкувал во запрепастувачки голем број, толку долго време, и зафатил разни слоеви на општеството. Со ова прислушкување грубо е прекршено основното човеково право на приватност.

Со помошта на овие снимки е исто така важно да се открие дали имало повреда на демократијата во државата преку прекршување на изборните закони, злоупотреба на јавни функции, монтирани политички случаеви, манипулирање со медиумите, како и влијание врз независноста на судството. Истражните органи и судството имаат должност да ја истражат валидноста на овие снимки како и нивните импликации. Личностите засегнати со овие снимки мораат да снесат последици доколку извршиле криминал.

Водејќи се со тоа што демократијата е најсилниот двигател напред на едно општество, ОМД бара Собранието да биде местото каде оваа криза треба да се надмине, и затоа уште еднаш апелира до опозицијата да се врати таму каде што припаѓа, во Собранието. ОМД ги повикува сите пратеници, како и Претседателот Иванов, како највисоки институции во Македонија да ги обезбедат потребните демократски услови за конструктивен дијалог, независтност и неопходно институцијално решение за излез од кризата. Оваа ситуација го повредува меѓународниот углед на државата, и е голем тест за политичката зрелост на Република Македонија и веруваме дека државата и политичарите ќе бидат одлучни, несебични покажување храброст за иднината на државата.

Основана во 2004 година и базирана во Вашингтон, Обединетата македонска дијаспора (ОМД) е меѓународна, невладина организација чија главна цел се интересите и потребите на луѓето со македонско потекло и македонските заедници ширум светот.

Please follow and like us: