ОМД за првпат назначи Директор за Европа

Обединетата македонска Дијаспора (ОМД) го назначи Филип Алтипармаковски, нејзиниот досегашен претставник за Бенелукс, за член на Бордот на Директори и Директор за Европа. “Ми претствува особена чест што сум поканет да станам член на глобалниот Борд на ОМД и да станам Директор за Европа.

ОМД е единствената македонска организација во странство којашто професионално ги застапува интересите на македонците ширум светот” изјави Алтипармаковски. “Земајќи во предвид дека македонската дијаспора е двапати побројна од населението во Македонија и е еден од главните столбови на македонската економија, македонците ширум Evropa можат да имаат глас во однос на прашањата што ја засегаат татковината преку ОМД.”

ОМД досега има претставници во Австрија, Англија, Бенелукс, Германија, Грција, Франција, и Русија, а понатаму планира да назначи претставници во Швајцарија и Шведска. Во улогата на Директор за Европа, Алтипармаковски ќе ги координира напорите за соодветно застапување на македонците во Европа пред европските институции во Брисел.

“Како холандски и македонски државјанин со образовна позадина во областа на меѓународните односи и правото, Филип Алтипармаковски е идеалниот кандидат за застапување на нашите интереси и иницијативи во Брисел” изјави претседавачот на Бордот на ОМД, Стојан Николов.

Биографија

Филип Алтипармаковски е роден и живеел во Битола. На осумнаесет година возраст заминал на студии по меѓународни односи на Универзитетот во Утрехт, Холандија. Исто така, тој дипломирал право на Универзитетот во Амстердам, магистрирал меѓународно право на Универзитетот во Лајден, а магистрирал и Конфликт Менаџмент на Универзитетот во Брадфорд, Англија.

Алтипармаковски како млад правник има работно искуство во меѓународниот јавен сектор во Хаг и приватниот сектор во Амстердам, каде што моментално и живее.