ОМД бара од Меркел да ја признае Македонија под уставното име

Обединетата македонска дијаспора (ОМД) испрати писмо до германската канцеларка Ангела Меркел во кое се изразува благодарност околу нејзината ангажираност за Република Македонија да ги започне преговорите за членство во Европската Унија и принципиелноста на Германија кон Македонија. Во писмото се потенцира дека времето за бесцелни преговори е поминато и се бара од германската Влада да ја признае Република Македонија под уставното име.

ОМД бара германската Влада да застане на страната на македонскиот народ кој веќе доволно е неправедно третиран со наметнатиот спор за името кој има задача да маскира поважни прашања како што се човековите права на Македонците во Грција. За пример се посочуваат истражувањата на Обединетите Нации во 2009 и на Хуман Рајтс Вотч од 1994 каде се документирани прекршувања на основните човекови права на Македонците во таа земја.

Понатаму, во писмото се посочува непринципиелноста на јужниот сосед кој и покрај тоа што за постигнување на привремента спогодба се промени државносто знаме и уставот на Република Македонија, сепак Грција продолжува да ја прекршува таа спогодба и ја игнорира пресудата на меѓународниот суд за правда. Преку овие неиспочитувани договори се покажува дека Грција има за цел да ја уценува Република Македонија да го промени своето уставно име и идентитет.

“Република Македонија веќе предолго покажува политичката волја која не е возвратена од другата страна. Нема потреба да се продолжува со овие таканаречени преговори за името, туку Европската Унија има должност да најде начин како Република Македонија да стане членка на оваа фамилија, но под услов да се запазат човековите права на самоопределување и пред се уставното име на Република Македонија” изјави Гоце Пероски, претставникот на ОМД во Германија.

Please follow and like us: