Македонија стана членка на Советот за човекови права при Обединетите нации

Обединетата македонска дијаспора (ОМД) и го честита големото достигнување на Република Македонија, која денеска беше избрана како членка во Советот за човекови права (UNHRC) при Обединетите нации со мандат од три години, односно од 2014 година до 2016 година.

“ОМД е задоволна бидејќи со овој чекор, придонесот на Македонија во полето на заштитата на човековите права беше призната од страна на 177 членки на ООН,” рече претседателот на ОМД, Методија А Колоски. “Станувајќи една од 47-те членки на Советот ќе и отвори одлична можност на Македонија да работи на унапредувањето на основните човекови права на македонците кои живеат во соседните земји Албанија, Бугарија и Грција.”

ОМД смета дека следствено македонското претседателство на Генералното собрание на ООН во 2008 година, како и претседателството на Советот на Европа во 2010 година, сегашното членство на Македонија во Советот понатаму го зацврстува меѓународниот углед на Македонија како нација посветена на одржувањето на мирот, стабилноста и заштитата на човековите права во светот.

Македонија одигра клучна улога за време на Косовската војна во 1999 година, со прифаќањето на околу 400.000 косовски бегалци во своите граници. Таа беше домаќин на НАТО центарот на КФОР, и е ангажирана во мировните мисии во Босна и Херцеговина, Дарфур и Либан. Земјата е исто така еден од најголемите придонесувачи во ИСАФ мисијата во Авганистан.

Со седиште во Женева, Советот за човекови права е тело во рамките на системот на Обединетите нации основано во 2006 година. Претставува наследник на Комисијата за човекови права при Обединетите Нации. За време на отворањето на 4-та седница на Советот за човекови права, генералниот секретар на ООН Бан Ки – Мун изјави: “сите жртви чии човекови права им биле прекршени, треба да гледаат на Советот за човекови права како на форум и отскочна штица за акција.”

Please follow and like us: