ОМД го поздравува извештајот на ЕК за напредокот на Македонија, и порачува отворање на преговори

Обединетата македонска дијаспора (ОМД) го поздравува петтиот последователен извештај на Европската комисија за Македонија, во кој се препорачува без одложување и итно отпочнување на преговори со ЕУ. ОМД се придружува на препораките од Европската комисија и го повикуваат Европскиот совет да ја донесе правилната одлука во декември.

Во 2001 година Македонија беше првата земја која потпиша договор за Асоцијација и стабилизација со ЕУ, а стана земја со кандидатски статус за членство пред осум години, поточно во 2005 година. По пет последователни препораки од Европската комисија, Европскиот совет допрва треба да донесе едногласна одлука за отворање на пристапните преговори со Македонија. ОМД го повикува Европскиот совет да не дозволи една земја-членка да ги уценува и приморува останатите земји членки да воведуваат дополнителни предуслови за отварање на пристапни преговори со Македонија. ОМД верува дека неодлучноста на Европскиот совет, не само што влијае негативно на Македонија, туку влијае и на стабилноста на целиот регион како и на политиката за проширување на ЕУ.

“Патот на Македонија кон ЕУ повеќе не смее да биде во застој, а водството на ЕУ треба да биде медијатор помеѓу двете страни како би го тргнале овој билатерален спор настрана во корист на Унијата и на граѓаните на Република Македонија. Доколку ЕУ се приддржува кон заштитата на основните човекови права, како што е правото на самоопределување, би било лицимерно да се бара од граѓаните на Република Македонија да го променат името на својата држава,” изјави ко-основачот и потпретседател на ОМД, Александар Митрески.

“И покрај неуспехот на Европскиот совет да донесе датум за почеток на преговори, ОМД силно верува дека Македонија мора да продолжи со неопходните реформи и ја повикува македонската влада да ги имплементира препораките од страна на Европската комисија во извештајот за напредокот на Македонија за 2013; поточно за изборните реформи, владеењето на правото и реформите во судството,” напомена претсавникот на ОМД во Бенелукс, Филип Алтипармаковски. “Веруваме дека особено внимание треба да се обрне на слободата на изразувањето во земјата како и на слободата на медиумите. ОМД изразува особена загриженост во врска со затворската казна за новинарот Кежаровски и се надеваме дека судството итно ќе обезбеди соодветен правен лек во неговиот случај.”

Обединетата македонска дијаспора ја цени инволвираноста како и активната улога на ЕУ Комесарот за проширување, Штефан Фуле, кој ќе се сретне со Премиерот Груевски овој петок во Брисел.

Please follow and like us: