ОМД остро ги осудува изјавите за Македонија на грчкиот Премиер Самарас

Обединетата македонска дијаспора (ОМД), како еден од водечките гласноговорници за Македонците ширум светот, остро ги осудува изјавите на грчкиот Премиер Самарас дека Грција е единствениот конструктивен партнер кон изнаоѓање решение во спорот за името, изнесени во вторникот за време на неговата посета на Петар Г. Петерсон Институтот за меѓународна економија во Вашингтон. Понатаму, грчкиот Премиер изјави дека дури и соседните земји Албанија и Бугарија би атестирале за грчката конструктивност.

“Иако ОМД не верува дека Македонија треба да преговара за своето име, Македонија се покажа како многу конструктивен партнер во преговорите за името со Грција под покровителство на Обединетите нации,” напомена претседателот на Обединетата македонска дијаспора, г. Методија А. Колоски. “Вистинските погледи на Самарас се покажаа во 2008 година кога тој на националната грчка телевизија изјави дека Македонија ќе биде поделена на два дела, помеѓу голема Албанија и голема Бугарија, така што Грција нема потреба да се преокупира со прашањето за името што и беше наметнато на Македонија.”

“Неконструктивно е да се мешаат Албанија и Бугарија во грчката агенда за наметнување на ново име на Република Македонија,” изјави Колоски.

Република Македонија влезе во Обединетите нации во 1993 година под наметнатото име “Поранешна југословенска Република Македонија,” го смени својот Устав и државносто знаме во знак на добра волја, и беше подготвена да влезе во меѓународните организации под ФИРОМ. Грција пак, од друга страна, продолжува да го блокира зачленувањето на земјата во ЕУ и НАТО па дури и ги зголеми предусловите, дека Македонија со цел да стане дел од Евро-атлантската структура мора да го смени своето име erga omnes, вклучувајќи го Уставот и пасошите на граѓаните, како и неуморното водење на грчка пропаганда против Македонија и нејзините граѓани.

ОМД упатува силен апел то грчкиот Премиер и грчката Влада да престанат да ја обвинуваат Македонија и да престанат популаристички да се кријат позади спорот за името со цел да се придобие домашната публика среде сериозната економска и политичка криза со која моментално се соочува Грција. Понатаму, ОМД е длабоко загрижена за екстремизмот кој вирее во Грција, кој впрочем резултира со лимитирање на човековите слободи, малцинските и верски права како и слободата на изразување на значителното македонско малцинство во земјата. Иако грчкиот Премиер скоро изјави дека ќе и стави крај на грчката нео-нацистичка политчка партија Златна зора, вчерашното ослободување на тројца Парламентарци и членови на Златна зора обвинети за криминални активности е загрижувачки знак за понатамошната стабилност на земјата.

ОМД исто така ги забележа изјавите на шефот на европската дипломатија, Кетрин Аштон, оваа недела во Вашингтон со која ги повика балканските лидери да ја согледаат пошироката слика за иднината на регионот. Со оглед на важноста за стабилност на регионот како и членството во НАТО и ЕУ, наместо да се вовлекуваат останатите соседи, како Албанија и Бугарија, во спорот со Грција со цел за дестабилизација на Македонија, грчкиот Премиер треба да се сретне со македонскиот Премиер и со останатите лидери од регионот како би се надминале разликите. ОМД ја повикува американската администрација да ги отфрли изјавите на грчкиот Премиер и да го поплочи патот за на Македонија да и биде врачена покана за членство на претстојниот НАТО Самит во Обединетото Кралство во 2014 година.

Please follow and like us: