ОМД го назначи својот прв претставник за Њу Јорк

Обединетата македонска дијаспора (ОМД) со задоволство го објавува назначувањето на Вера Арсова за прв регионален претставник на ОМД за Њу Јорк.

“Њу Јорк е седиште на голема македонска заедница, и ние сме среќни што Вера се приклучи на тимот на ОМД за да ги поттикне Македонците во Њу Јорк да се приклучат во движењето на ОМД,” изјави членот на управниот одбор на ОМД и директор за САД, Трајко Папучкоски. 

“Убедена сум дека со поддршка од страна на неверојатниот тим на ОМД и моите напори во Њу Јорк, ние ќе направиме историски промени за ОМД и Република Македонија,” рече Арсова.

Вера Арсова е родена во Штип (Македонија). По завршувањето на средното училиште, таа се преселила во Скопје како студент на универзитетот Св. Кирил и Методиј, на отсекот по компјутерски науки. Покрај редовните студии на универзитетот, Арсова на 17 години станала најмладиот член на македонската женска кошаркарска репрезнтација на Република Македонија.  Како една од најинтелигентните млади кошаркарски ѕвезди, Арсова ја добила престижната спортска стипендија на универзитетот Мајами во Корал Гејблс во Флорида. Арсова е прва Македонка на која и е доделена стипендија од ваков вид. 

Арсова магистрирала со академски и спортски почести на отсекот по криптографија и мрежна сигурност, и ја започнала својата професионална кариера во компанијата “Куест Комуникејшн.”  

Таа денеска има десет годишно искуство во сферата на финансиски телекомуникации и осигурување, а има работено и за светски познатите компании “Беркли” и  “АТ&Т.”  Веќе пет години Арсова живее во Њу Јорк и е активно вклучена во активностите на македонската заедница. Арсова често присуствува на културни и професионални настани во Њу Јорк.