Запознајте ги помладите соработници на ОМД за есен 2012

Обединетата македонска дијаспора (ОМД) со задоволство Ви ги претставува Соработниците за меѓународна политика и дипломатија во седиштето на ОМД во Вашингтон, за периодот Есен, 2012 година: Ана Доневска Дејвид, Милена Фурнаџиска, Тамар Гзиришвили, и Залта Унеркова. Ребека Шерифс работи од канцеларијата во Перт, Австралија за јавни врски.  Нашиот координатор за социјални медиуми, Милка Трајкова, која стажираше во ОМД ова лето од Скопје ги раководи ОМД профилите на Фејсбук, Твитер и вебстраницата на ОМД. 

Оваа програма на ОМД е наменета за додипломци и постдипломци кои се заинтересирани за актуелните настани поврзани со Македонија и Југоисточна Европа. Програмата е ефективен начин за студентите да стекнат искуство како би ја почнале и/или напреднале  својата кариера во новинарство, односи со јавноста, надворешни односи и дипломатија, човекови права, лобирање, и невладиниот сектор. 

“Соработниците на ОМД се нашите најсилни ресурси, без кои не би можеле да ја вршиме важната работа наложена во мисијата на ОМД за адресирање на интересите и потребите на Македонците во Вашингтон и во светот,” напомена претседателот на ОМД Методија А. Колоски. “Овие млади луѓе се идните лидери на нашите заедници и ОМД инвестира во нивниот професионален развој. “

Ана Доневска Дејвид 

Ана Доневска е родена во Штип и има 24 години.  По завршувањето на првите две години од гимназија во родниот Штип, таа го продолжила своето средно образование во Мичиген, САД.  Додипломските студии ги завршила на универзитетот New York во Солун, на смерот за Меѓународни односи каде дипломирала како првенец на генерацијата. Нејзините постдипломски студии ги има завршено во Холандија на универзитетот Твенте во насоката Европски интеграции. По магистратурата, Ана живее во САД и работи во ОМД. Работењето во ОМД и овозможува да го спои знаењето стекнато за време на нејзиното образование со страста што ја негува за Македонија. 

Милена Фурнаџиска 

Милена Фурнаџиска е родена во Берово, и во моментот посетува магистерски студии по Меѓународен бизнис и администрација на Универзитетот Стратфорд во Вирџинија. Таа има работено за неколку невладини организации во Македонија и пошироко. Таа била дел од АИСЕК, Блу Скај, ЕКАП, Младинска канцеларија, итн. Таа има силен интерес во промовирањето на позитивни вредности, работење на проекти, и развивање идеи. Милена повеќе од шест години била активен член на Унијата на меѓународното аматерско радио, каде ја претставувала Македонија на повеќе натпревари ширум светот. Таа е добитник на Сребрен медал за компјутерски тест од РУФЗ и ПЕД на Светското првенство во телеграфија во Минск, Белорусија.  

Тамар Гзиришвили 

Родена и порасната во Република Грузија, Тамар Гзиришвили дипломирала summa cum laude (највисок просек) на смерот Политички науки и Филозофија на Универзитетот Кларк. Нејзината дипломска теза се фокусирала на сепаратистичките региони во Грузија, изработена во склоп на нејзиното стажирање во Грузијската фондација за стратешки и меѓународни студии, при што се здобила со значителен увид во политиката на Кавказкиот регион. 

Во пролетта во 2010 година студирала на едносеместралната Програма за мировни студии при Американскиот Универзитет во Вашингтон. Таму Тамар се фокусирала на Кипарскиот конфликт, а своето знаење го збогатува со теренско истражување во Никосија, Атина и Истанбул. За време на програмата на Американскиот Универзитет таа стажирлаа во невладината организација Nonviolence International во Вашингтон, каде под водство на програмскиот директор за Русија работела за зацврстување на граѓанското општество во северен Кавказ. 

Ребека Шериф

Ребека Шерифс е родена на 25 август 1992 година во Перт, Западна Австралија. Во моментот студира Односи со јавноста и новинарство на Едит Кован Универзитетот. Ребека има голема желба за патување и запознавање нови култури, а неодамна поминала четири месеци во Кина на новинарска стипендија. Во моментот е во Индија на неколку недели претставувајќи го нејзиниот универзитет на Амбасадорска програма. Пред три години, таа не знаела за Македонија, но по запознавањето на Благајникот на ОМД во Австралија, Роберт Паскал, таа почнала да ја вреднува културата, историјата и луѓето од македонско потекло. Со задоволство очекува да работи со ОМД и уште поважно да го збогати своето знаење за Македонија. 


Милка Трајкова

Милка Трајкова има 19 години и е родена во Скопје. Своето основно и средно образование го завршила во Олни, Мериленд. Милка во моментот е студент по Информациски системи и менаџмент на Универзитетот на Југоисточна Европа во Скопје. Таа, исто така, игра при Македонската опера и балет. Милка има страст за прогрес и е интригирана од одлучноста и истрајната природа на ОМД за давање глас на Македонија надвор од границите на земјата. Таа е почестена за можноста да работи со таков позитивен и енергетски тим и притоа да учи за современите прашања поврзани со Македонија. 


Злата Унеркова

Злата Унеркова своите додипломски студии во областа на Политичките науки ги завршила на Универзитетот Сент Лоренц, каде дипломирала summa cum laude (највисок просек) и со почести во смерот. Во својата дипломска теза таа го истражувала стратешкиот процес на донесување одлуки на едно малцинство во поделено општество, со цел да се утврди можноста за насилство во истото. Својата теза ја презентирала на Годишното собрание на Асоцијацијата за политички науки на Нова Англија (САД) во 2011-та година. Покрај публикацијата на своите трудови, таа е и член на Американската национална асоцијација за политички науки – Пи Сигма Алфа.

Унеркова има диврезитетно работно искуство во академија, приватниот и невладиниот сектор. Своето работно искуство го започнала во УСАИД/Буз Ален Хамилтон “БЕА” канцеларијата во Скопје. Оттаму, работела во Кабинетот на Заменик-претседателот на Влада задолжен за европски прашања и во Кабинетот на Претседателот на Република Македонија. За време на своите студии на Сент Лоренц таа работела како асистент, а нејзината последна позиција била во невладиниот сектор во Македонија, работејќи како програмски соработник во Асоцијацијата за развојни иницијативи – Зенит. 

Покрај македонски таа зборува англиски, шпански, босански, српско-хрватски а има студирано и француски, италијански и латински.